Your Company Logo Here

тел: +38932550861
факс +38932390700

 

Врз основа на членовите 148 и 155 од Статутот на на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитетскиот сенат на седницата, одржана на ______________ година, го донесе следниов.

ПРАВИЛНИК ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА И РАБОТЕЊЕ НА ЦЕНТАРОТ ЗАОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ

Член 1

Центарот за обезбедување на квалитетот е формиран врз основа на следниве принципи:
‐ Универзитетот како автономна високообразовна институција има примарна одговорност за обезбедување на квалитетот на наставата;
‐ активностите на Центарот треба да ја задоволат потребата од развој на квалитетот на академските програми, пред сè поради студентите и другите заинтересирани корисници на високото образование;
‐ потребата од обезбедување и развој на ефикасна и ефективна огранизациска структура во која тие академски програми можат да се развиваат и одржуваат;
‐ поддршка во развојот на културата на квалитет на сите нивоа во Универзитетот;
‐ развој на процедури низ кои Универзитетот ќе ја демонстрира својата одговорност, вклучително и одговорноста за инвестирање на приватни и јавни средства;
‐ развој на способноста на Универзитетот да го демонстрира својот квалитет на национално и интернационално ниво;
‐ процедурите кои се воведуваат не смеат да ги попречат иновациите и разликите помеѓу одделни членки на институцијата или други институции.

Член 2

Основни цели и задачи на Центарот за обезбедување на квалитетот се:
‐ зачувување на интересот на Универзитетот и општеството, за развој и одржување на квалитетот и стандардите на високото образование;
‐ зголемување на квалитетот на образованието кое го добиваат студентите;
‐ асистирање во процесите на управување и подобрување на квалитетот на универзитетско ниво;
‐ обезбедување подлоги и поддршка за интерната и екстерната евалуација;
‐ обезбедување транспарентност и едноставност на процедурите за евалуација на сите нивоа;
‐ информирање и едуцирање на студентите, наставничкиот кадар, техничкиот персонал и сите заинтересирани страни за важноста и потребата од развој и одржување на сопствена култура на одржување на квалитетот, како и процесите и резултатите од комплетирање на кое било ниво на високо образование.

Член 3

Организационата поставеност на Центарот за обезбедување на квалитетот e дефинирана со органограмот даден во прилог на овој Правилник.
Центарот ќе има раководител кој го назначува ректорот, за период од 4 (четири) години и 3 (три) референта за академски прашања, администрација и студентски сервис. Условите кои треба да ги исполнува персоналот на Центарот и работните должности се дефинирани во Правилникот за организација на работата и систематизација на работните места на Универзитетот.

Член 4

Центарот за обезбедување на квалитетот, во соработка со Ректорската управа, дефинира и развива формални политики и процедури, кои обезбедуваат рамка во која високообразовната институција може да го развива и мониторира Системот за обезбедување на квалитет (СОК). Политиките треба да содржат изјави со намери и основни начини на кои целите ќе бидат постигнати.
Изјавата која ги дефинира политиките на квалитет би требало да содржи:
- врска помеѓу наставата и научноистражувачките активности на институцијата;
- стратегија на Универзитетот за квалитет и стандарди;
- организација на СОК;
- одговорноста и улогата на факултетите, институтите, одделите, катедрите и другите организациони единици и индивидуи во и за обезбедување на квалитетот;
- улогата и инволвирањето на студентите во обезбедување на квалитетот;
- начините на кои политиките се имплементирани, мониторирани и ревидирани.
Центарот за обезбедување на квалитет со своето работење треба да осигура дека на сите нивоа:
- наставните програми даваат јасни и експлицитни резултати од учењето;
- наставничкиот кадар е спремен, способен и има желба да обезбеди квалитетни предавања и поддршка на студентите со која тие ќе ги постигнат резултатите од учењето;
- постојат целосни, навремени и конкретни придобивки од работењето за кадарот кој демонстрира посебен квалитет, експертиза и посветеност во работењето.
Центарот за обезбедување на квалитетот се стреми да го подобри и усоврши образованието, кои им го нуди Универзитетот на своите студенти.

Член 5

Центарот за обезбедување на квалитетот, во соработка со Ректорската управа, дефинира и развива формални механизми за одобрување, периодично ревидирање и мониторинг на своите програми и дипломи. Осигурувањето на квалитетот на програмите вклучува:
- развој и објавување на експлицитни цели од учењето;
- внимателно дизајнирање на курикулумот и содржината на програмите;
- специфичните потреби за различните начини на стекнување на знаењата (редовно или вонредно студирање, далечинско учење, е-учење...) и типови на високо образование (академско, професионално...);
- расположливост на учебни ресурси (помагала);
- процедури за формално одобрување на програмите од официјално тело (организација) која не е вклучена во реализација на програмата;
- мониторинг на прогресот и постигнувања на студентите;
- регуларни периодични контроли/анализи на програмите (со вклучени надворешни членови);
- регуларни повратни информации од работодавците, претставници од пазарот на трудот и други релевантни организации;
- учество на студентите во активностите за осигурување на квалитетот.

Член 6

Центарот за обезбедување на квалитетот врши контрола над располжливоста (јавноста) на критериумите, правилата и процедурите за оценување, како и на конзистентноста на нивната примена.
Центарот за обезбедување на квалитетот, во соработка со соодветните служби, дополнително се ангажира околу информирањето на студентите за стратегијата на оценувањето што се применува за неговата програма, на кои и какви методи на оценување и испитување ќе биде подложен, што се очекува од него и кои критериуми се применуваат за да се оценат неговите перформанси.

Член 7

Центарот за квалитет, во соработка со Ректорската управа, разработува и имлементира форми и процедури со кои ќе се осигури дека наставничкиот кадар вклучен во обуката на студентите е квалифициран и компетентен за работата која ја извршува.
Центарот за обезбедување на квалитетот собира и анализира податоци за внатрешна и надворешна евалуација на наставничкиот кадар и врши мониторинг на имплементираните процедури со кои ќе се осигуруваат неопходните компетенции на персоналот кои се регрутира или назначува.
Центарот за обезбедување на квалитетот развива и имплементира програми за унапредување на наставните вештини и капацитети.

Член 8

Центарот за обезбедување на квалитетот врши мониторинг над службите надлежни за обезбедување на учебни помагала и поддршка на учењето (библиотеки, компјутерски центри, тутори и советници од разни области), низ контрола на нивниот квалитет, достапност и адекватност на програмите кои ги нуди институцијата.

Член 9

Центарот за обезбедување на квалитетот ги прибира, анализира и користи релевантните информации за ефективно управување со студиските програми и другите активности на Универзитетот.
Информативниот систем на Центарот за обезбедување на квалитетот ги покрива следниве области:
- напредокот на студентите и степенот на успех;
- можноста за вработување на студентите;
- степенот на задоволство на студентите со програмите кои ги изучуваат;
- ефикасноста на наставниците;
- профилот на студентската популација;
- расположливоста на учебните помагала и ресурси и трошоците за нивното користење;
- клучните индикатори за перформансите на институциите.

Член 10

Центарот за обезбедување на квалитетот регуларно објавува најнови, целосни и објективни информации (квантитативни и квалитативни), околу програмите и дипломите кои ги нуди Универзитетот.
Тие информации ги вклучуваат планираните студиски достигнувања и компетенции, квалификациите кои се стекнуваат, процедурите на настава, учење и оценување, како и расположливоста на учебните помагала/ресурси.
Публикуваните информации можат да вклучат препораки за можностите за вработување, успехот на некогашните студенти и профилот на актуелната студентска популација.
Центарот за обезбедување на квалитетот е должен да се осигура дека објавените информации се точни, целосни, објективни и лесно достапни.